Druckversion   

Европски Колегиум за Преведувачи во Штрален

 

 

Во Штрален не може да се научи преведување или да се даде некому да преведува, туку може „само“ да се преведува – и тоа во идеални услови. Преведувачи од сите делови на светот кои имаат актуелен превод за некоја издавачка куќа доаѓаат во Штрален, за да ги користат разновидните помошни средства, да се сретнат со свои колеги, да работат заедно и да разменат мислења и искуства.

 

 

На самиот почеток постоеше една визија: да се создаде место каде ќе се сретнуваат литературните преведувачи, место како за космополитска размена така и за сосредоточена работа, куќа за најразновидни писмени култури среде еден пограничен регион.

 

 

Триесет и пет години откако беа направени првите концептуални подготовки оваа визија стана видлива стварност: „Европскиот Колегиум за Преведувачи Северна Рајна-Вестфалија во Штрален“, кој под покровителство на Самуел Бекет, Хајнрих Бел и Макс Фриш беше оформен во 1978 година, е во светски рамки првиот и најголемиот работен центар за преведувачи на литературни и хуманистички дела.

 

 

Од 1978 година Колегиумот за Преведувачи значително се зголеми. Во меѓувреме на 2500 м² се распределни просториите за библиотеката и за семинари, како и двете потполно опремени кујни, а на располагање стојат и триесет соби за престој и работа.

 

 

Срцевината на Колегиумот е библиотеката која се состои од 110.000 томови, меѓу кои гостите на куќата имаат прилика да најдат 25.000 специјални речници и енциклопедии на повеќе од 275 јазици и дијалекти (од африканс до зулу), 60.000 томови со дела од светската литература - најчесто во оригинал и превод – како и 25.000 прирачници. На тој начин библиотеката на Колегиумот е во светски рамки најголемата специјализирана библиотека за литературни преведувачи и преведувачи на дела од областа на општествените науки.

 

 

Колегиумот дава на располагање 40 компјутери од поновата генерација, како и голем број тастатури за странски јазици. Сите компјутери се поврзани со интернет (Wlan/WiFi) и 365 дена во годината, 24 часа на ден, тие нудат брз пристап до интернет.

 

 

Во Штрален годишно доаѓаат над 750 преведувачи од целиот свет, а во текот на годините овде се направени над 16.000 преводи.

 

 

Штрален е мало и пријатно гратче во близина на холандската граница. Во околината на градот се одгледуваат цвеќиња и зеленчук. Не залудно Штрален е наречен „Град на цвеќињата“. На ниедно друго место во Германија не се прави толку голем промет со цвеќиња и зеленчук.

 

 

Контакт:

 

Europäisches Übersetzer-Kollegium
Kuhstraße 15-19, 47638 Straelen
Deutschland
Telefon 0049-2834-1068, Fax 0049-2834-7544
E-Mail: euk.straelen(at)t-online.de

 

 

Ins Mazedonische übersetzt von Elizabeta Lindner